|
Како дел од својата тркачка програма BMW Mоtorsport на своите клиенти од приватните тимови за годинава им понуди нов тркачки автомобил кој ќе биде достапен од вториот квартал.

Веќе пишувавме за новиот тркач на BMW за чие сoздавање како основа послужила новата генерација на Z4, а под хаубата работи дериват на 4.0 литарскиот V8 од М3 кој за во Z4 GT3 е навиен на 480 КС.
Ново сега се фотографиите кои при првата најава не беа достапни и техничките податоци. Z4 GT3 е долг 4.321 mm, широк е 1.930 mm и висок е 1.210 mm. Меѓуоскиното растојание изнесува 2.496 mm, трагата напред е 1.605 mm и назад 1.630 mm.
Тежината изнесува околу 1.200 kg со можност за поддесување во зависнот од правилата на шампионатот во којшто ќе се натпреварува Z4 GT3. Секако во овие 1.200 kg не е пресметано и горивото кое стои во резервоар со волумен од 105 L.
Алуминиумскиот моторот од М3 со зафатнина од 3.998 сс и комперсија од 12,0:1 остварува моќност 480 КС при 8.300 врт/мин и има вртежен момент од максимални 460 Nm при 5.500 врт/мин. Максималниот број на вртежи што може да ги достигне моторот е 8.500.
Со моторот управува ECU408 со два моќни високоперформансни микро процесори за кои BMW нуди различни софтверски решенија во зависност од потребите на клиентите. Покрај моторот процесорите управуваат со комплетниот менаџмент на автомобилот.
Се нудат индивидуално мапирање на вбризгување на горивото, управување со вентилите преку системот VANOS, функција со која се лимитира брзината за во пит стоп, се менува брзината на префрлање на степените, начинот на реакција на спортскиот ABS систем и контролата на тракција.
Од BMW истакнуваат дека како опција во својот Z4 GT3 нудат и клима уред посебно поддесен за тркачки услови кој ќе биде од голема корист лете. Цената како што наведовме стартува од 298.00 евра.
|