На небото на спортските возила светнува
нова ѕвезда. Artega GT е алтернатива за Porsche
& Co. Спортистот со мотор одзади има висококаратни помошници при раѓањето и нуди
необични дизајнерски идеи
Автомобилскиот свет е зачуден: На
плочата за презентација се врти едно од највозбудливите спортски возила на
Женевскиот Автосалон. Покрај него, како прибор не стои пеколно скап комплет
карбонски сопирачки дискови или егзотичен бандаж, туку детско седиште. Да се
возиш во Porsche до работа изгледа
по малку арогантно. Но тато да те шоферира во Artega GT, кој се изработува во само 500 примероци во годината - е
тоа е веќе cool.
Низок како Lamborghini
Добавувачот на автомобилската
индустрија Paragon го произведува
добро скроениот тркач во Делбрик. Од напред до назад плочката мери само 3,9
метри, но во ширина има добри 1,8 метри и стои на 1,2 метри над земја. „Artega
GT e долга колку Polo, широка колку класа Ѕ и ниска како Lamborghini”, се радува Мануел Хелд од Artega Automobil GmbH.
V6 и DSG од VW
Карбонска каросерија ја покрива лесната
алуминиумска рамка. Моторот е назад. V6 со директно вшприцување, од 3,6 литри, кого Paragon го купува во VW. За автомобил од 1,1 тони стојат 300 КС на располагање - тоа е сооднос од
3,6 килограми по една коњска сила. Стрелката на тахото ќе прошиша покрај
бројката 100 за помалку од пет секунди. Ќе застане дури при 270. За пренос на
силата се грижи шестстепен менувач DSG.
Креаторите - сјаен експертски круг
На раѓањето на Artega GT асистираа висококаратни помагачи: Шефот на Paragon Клаус Дитер Фрерс се советуваше со Карл-Хајнц Калбфел,
поранешен менаџер во BMW, Alfa Romeo, Rolls-Royce и Maserati. Дизајнот потекнува од раката на Хенрик Фискер, поранешен шеф на дизајнот во Aston Martin. Кај техниката стави рака Харди Есиг, поранешен
конструктор во Porsche. Аеродинамиката е
ставена под лупа во воздушниот канал на Универзитетот Штутгарт.
Внатре спартански
Во внатрешноста го има само
најпотребното. Комбиниран инструмент со тахо и бројач на вртежи доминира на
таблата. „Бојата на стрелката се менува според вртежите и при високи вртежи
станува црвена”, кажува Мануел Хелд. Мало чудо е ретровизорот, во кој се
вградени и камера за рикверц и систем за навигација. Воланот е зарамнет оздола
како кај Audi TT, за полесно да се
седне зад него. За на патека има вградено тајмер во средишната конзола.
Останатите прекинувачи се од голема
серија. Прекинувачот за светла веројатно е од VW. Дизајнерски гег е рачката за електричното подигнување на
прозорците: на прв поглед изгледа како курбла, со миникопија на бандажот на Artega на крајот. Но, треба само да се допре малото тркало за
прозорецот да се спушти.
Рол-бар и четири воздушни перници
Нема играње на тема безбедност.
Кабината е зајакната, има рол-бар, четири воздушни перници и засилен попречен
панел што го двои моторот од кабината. Има и ESP. Динамичноста при возењето на Artega се уште е во тек, кажува хелд.
Автомобил без фабрика
Фабриката во Делбрик штотуку ќе се
гради, лентата ќе се сече на крајот на март. Спортското возило ќе го
составуваат 50 вработени, а уште 40 работат на развојот. Фабриката на почетокот
е предвидена за производство на 500 автомобили годишно. Artega
освен европскиот цели пред се на северноамериканскиот
пазар, но креаторите на спортското возило не сакаат да ги изумат ниту Азија или
Средниот Исток. Во Делбрик се мисли уште подалеку на иднината: „Artega
GT e првото возило на долгорочно поставена моделска политика”,
пишува во материјалот за печат.
|