|
Полека, полека. Пред да се залетаме и да отидеме во првиот дилерски салон на Opel со ниет да си нарачаме една Ampera по читање на насловот треба да имаме на ум дека се работи за предсериски модели.

Имено во фабриката на General Motors, Ворен во сојузната држава Мичиген стартуваше производството на првите пред сериски прототипови на европската верзија на Chevrolet Volt, plug-in хибридот Opel Ampera.
Од General Motors истакнуваат дека се работи за не така мала серија на прототипови, односно предсериски примероци на Ampera кои треба да се симнат од производните ленти во наредните неколку месеци.
Причината е продолжување на опсежните тестирања на хибридот, дотерување и финализирање на софтверот кој управува со работата на електромоторот, класичниот мотор, батериите и другите компоненти на автомобилот.
Покрај техничкиот аспект тестирањето ќе се искористи и за понатамошно дотерување на дизајнот на хибридот кој според одговорните на проектот треба да се разликува од оној што сега го познаваме, иако не во голема мера.
„Проектот се развива според планираното и ние веруваме дека ќе ја пуштиме во продажба Ampera на европскиот пазар во втората половина на 2011,” истакнува Ендрју Фара главен инженер на моделот Ampera.
„Има уште доста нешта што треба да се разработат и да претрпат фино дотерување, но генералниот впечаток е позитивен и по возењето на неколку прототипови на Ampera можам да заклучам дека нашите инженери и во САД и во Европа завршиле одлична работа,” заклучува Фара.
Оpel Ampera е брат близнак на Chevrolet Volt и ги користи истата платформа, каросерија, мотор и техника. Сепак, кај неа постојат одредени разлики пред се во поглед на дизајнот со цел да им се допадне на европските купувачи.
За задвижување е задолжен електромотор со 150 КС кој со едно полнење на батериите може да ја задвижува Ampera до растојание од 60 km. Откако батериите ќе се испразнат до одредено ниво се вклучува класичниот мотор кој има улога на генератор и овозможува максимална автономија од оклу 500 km.
Доколку се тече според планот, а нема причина да веруваме поинаку Ampera ќе ја видиме во продажните салони на Opel на есен следната година. Ampera доаѓа со до сега невидено ниво на сериска опрема, а за цената сеуште не станува збор.
|