Chevrolet на патеката во Есторил, Португалија го
претстави својот нов автомобил за борба во Светскиот шампионат со
сериски-модификувани автомобили WTCC на FIA.
Станува збор за тркачки автомобил направен на основата на
новиот Chevrolet Cruzе, претставен минатиот месец, а кој треба да го замени досегашниот Lacetti.
Инженерите на Chevrolet направија споредно тестирање на овие два модели кое
воедно беше последно јавно тестирање за Lacetti.
Со крајот на сезоната 2008 во WTCC која
завршува со последната трка во Макао на 16 ноември завршува и кариерата на Lacetti, автомобил
кој ги постави смерниците и во чија насока треба да продолжи развојот на
неговиот наследник.
Тестирањето во Есторил е прво од јавен карактер за Cruze и е само
продолжување на претходните тестирања кои беа завиткани под вел на тајна на
полигоните MIRA во Велика Британија и Гауди во Шпанија.
По Есторил во текот на зимските месеци тестирањето на Cruze ќе
продолжи по различни патеки во Јужна Европа со цел инженерите да добијат
поконкретна слика за однесувањето на автомобилот и неговиот сетап во различни
услови.
Тимот ќе спроведе уште низа паралелни тестови со Lacetti пред
неговото простување со публиката во Макао, а потоа сите свои сили ги насочува
кон Cruze.
Зад воланот на Cruze и на Lacetti
во Есторил седеа возачите на Chevrolet во WTCC, Никола
Ларини и Роб Хаф. Нивната задача беше да ги споредат и да ги дадат првичните
оценки и мислења.
Роб Хаф: „Cruze е одличен автомобил и се чувствува дека е брз, без оглед
што сега е одпакуван. Јасно е дека автомобилот е во рана фаза на развој, но
веднаш може да се почувствува дека има подобро управување, подобро се однесува
во свијоци. Сето ова се должи на пошироката трага што само по себе е предност
во трка.”
Никола Ларини: „Ова е првпат да
седнам зад воланот на Cruze и можам да кажам дека автомобилот е добар. Пошироката
трага го прави полесен за возење на одредени делови од патеката, додека
времињата покажуваат дека автомобилот ветува, но дека е потребно уште многу
работа. Без оглед на сетапот автомобилот реагира питомо. Лесно е прилагодлив
што ќе ни ја олесни работата за време на тестирање, но и за време на
натпреварување кога ќе бидат потребни нагли промени на сетапот.”
Тимот на Chevrolet во WTCC очекува
дека со искуството собрано во текот на изминатите четири години коe ќе биде
инкорпорирано во новиот автомобил успехот ќе биде загарантитран.
|