Третиот настан од WTCC се одржува
викендов во Валенсија на патеката Честе каде Seat на домашен
терен стапнува како лидер во генералниот пласман и за возачи и за
производители.
По четирите победи постигнати на првите два настани од
сезоната трките во Бразил и во Мексико, Seat во
Валенсија ќе се соочи со вистински предизвик, пред се поради големиот успех
постигнат претходно.
Имено според правилата на FIA за WTCC победниците
секогаш се соочуваат со одредени реперкусии за да може да се сочува конкурентноста
на натпреварувањето. Првата реперкусија е додавањето на екстра тежина или
баласт, кој е наречен и баласт на успех. А во Валенсија возачите на Seat се тие што ќе носат најголем баласт: Рикард
Рајдел 56 kg, Џорди Хене 40 kg, Габриел Тарквини
39 kg, Иван Мулер и Тијаго Монтеиро по 32 kg. Значителна
тежина во однос на конкурентите.
Баластот, или баласт на успех се додава во зависност од
успехот што го постигнал возачот на претходниот тркачки викенд, односно во
претходните две трки, плус вкупниот број на бодови што се освоени.
На пример Рикард Рајдел кој во Валенсија ќе настапи со
најголем баласт од 56 kg, вишокот на килограми ги заработува од двете втори места
освоени во Мексико од кои секое му носи дополнителни 15 kg, плус
вкупниот број на бодови од почетокот на сезоната 26 кои му носат 26 kg. Значи
кога ќе се собере 2 втори места пo 15 kg плус 26 kg се добива
тежината од 56 килограми колку што изнесува неговиот балсат за оваа трка.
Но, Seat нема да биде казнет само со баласт на успех. Правилата
предвидуваат менување на регулативите во од, што значи дека FIA за во
Валенсија одлучи на моторите на Leоn TDI да го
ограничи максималниот број на вртежи на 4.100 врт/мин, но и притисокот во
турбополначот, притисокот во системот за вбрзигување гориво и стехиoметрискиот
однос на смешата воздух/гориво. Сето ова автоматски значи и смалување на
снагата.
Во Seat сеуште не знаат како сето ова ќе влијае на перформансите на
нивните возила и единственото во што се сигурни е дека ова ќе биде исклучително
тежок викенд за нив.
Плус тука е и патеката во Валенсија која е спора и полна
свијоци што никако не му одговара на Leоn TDI, но затоа
пак е како создадена за нивните најголеми конкуренти BMW и Chevrolet.
Баластот на успех се одредува според следната скала:
1 место: +20 kg
2 место: +15 kg
3 место: +10 kg
4 место: +10 kg
5 место: +10 kg
6 место: + 5 kg
7 место: + 5 kg
8 место: + 5 kg
9 место: - 5 kg
10 место и понатаму.: - 10 kg
|